Вселенскиот патријарх Вартоломеј повика на мир во Украина од Патријаршиската црква „Св. Георги“ во Фенер.
Тој во својот говор по Божествената Литургија рече дека ситуацијата на руско-украинската граница во секој момент може да предизвика избувнување на војна со непредвидливи последици.
„Не дај Боже, но таквата војна денес може да се претвори во Трета светска војна, поради што се прават интензивни напори да се избегне овој фатален развој, кој ќе доведе до милиони жртви“, нагласи патријархот.
„Ние цврсто веруваме дека нема друго решение за одржување и зачувување на мирот освен патот на дијалогот, кој ги отстранува предусловите што водат до насилство и војна. Мирот доаѓа од меѓусебното почитување и соработка. Во услови на растечка неизвесност, зборот на Црквата мора да биде јасна порака за помирување и мир, љубов и правда, братство и солидарност“, рече Вселенскиот патријарх.
„Ги повикуваме сите вклучени страни да го следат овој пат на дијалог и почитување на меѓународното право со цел да се стави крај на конфликтот и да им се овозможи на сите Украинци да живеат во хармонија. Оружјето не е решение. Напротив, тие можат само да ветуваат војна и насилство, тага и смрт“. „Како што неодамна рече нашиот сакан брат Франциско, папата од Рим: Да не заборавиме: војната е лудост.
Сите слуги на Црквата, сите претставници на верските традиции, сите оние што се на власт, сите добронамерници, секој од нас мора да повика на мирно решение на оваа опасна ескалација и злобна сенка над украинскиот народ. Тишината и рамнодушноста не се избор.
Нема мир без постојана будност. Затоа, сите сме „осудени“ на мир, што значи предодредени сме постојано да се бориме за негово воспоставување и заштита. Богот на љубовта и мирот нека ве благослови сите!“, заклучи Вселенскиот Патријарх.