Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Русија повеќе нема да учествува во работата на Советот на Европа, водечката организација за човекови права на континентот.
Образложувајќи ја одлуката Кремљ наведува дека држави-членки на НАТО го поткопуваат европското тело осмислено да ги поддржува човековите права, принципите на владеење на правото и на демократијата.
Историски гледано, конфронтираност честопати беше карактеристика на односите на Русија со Советот на Европа.
Русија се приклучи на Советот на Европа во 1996 година, на барање на тогашниот руски претседател Борис Елцин како дел од обидот за транзициски процеси во земјата. Правото на учество на Русија во телото беше суспендирано на 25 февруари – ден по инвазијата врз Украина.
Претходно руското учество во Советот на Европа беше прекинато во 2001 година после втората чеченска војна, како и во 2014 година откако Москва го анектираше Крим.