Николовски – Оздемир: Германија е наш безрезрвен поддржувач и значаен партнер при интегрирањето на нашата држава во ЕУ

од Destan Jonuzi
213 прегледи

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во рамки на шеснаесетиот работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, одржа средба со федералниот германски министер за земјоделство, Џем Оздемир.  

На средбата министерот Николовски изрази голема благодарност за досегашната поддршка и соработката што како земја континуирано ја добиваме од Германија.

Преку финансиска поддршка од KfW ја реализираме изградбата на еден од најзначајните капитални проекти, системот за наводнување Јужновардарска долина, а значајна е и улогата на Германското друштво за регионална соработка (GIZ) во спроведувањето на проектот Поддршка за економска диверзификација на руралните области на Југоисточна Европа.

Министерот Николовски на средбата го нагласи процесот кој министерството го работи за усогласување на домашното законодавство со европското, во делот на директните плаќања во земјоделството, руралниот развој, регулацијата на заедничкиот пазар, органското производство, рибарството и аквакултурата,  земјоделското осигурување и законот за вино. Новиот модел за субвенционирање кој се подготвува заедно со земјоделците и е во финална фаза, е уште едно од усогласувањата со евопските политики кое министерството ги реализира.

Двајцата министри разговараа за процесот на преговорите кој Република Северна Македонија го отпочна со Европската Унија. Германскиот федерален министер за земјоделство, Џем Оздемир ја нагласи поддршката која Германија ја дава на Северна Македонија во преговарачкиот процес.

Високиот процент на реализација кај ИПАРД програмата и имплементирањето на главните цели од Зелената агенда за Западен Балкан во ИПАРД 3 програмата, двајцата министри го оценеја како значаен напредок на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Унијата.

Германија е наш безрезрвен поддржувач и значаен партнер во интегрирањето на нашата држава во Европската Унија, со која бележиме одлична трговска размена на наши македонски земјоделски и прехранбени производи, бележејќи извоз од околу 42 милиони евра. Македонското вино, тутун и конзервиран зеленчук  се дел од домашните производи кои најмногу се извезуваат во Германија.  

Слични содржини