Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во понеделникот одби да одговори на прашања за односите на потпретседателот на ЕК Маргаритис Шинас со Катар, што ги налути новинарите во Брисел кои бараа одговори за најголемиот корупциски скандал што ја погоди ЕУ во последните години, пишува Политико.
Да потсетиме, се започна со апсењето на двајца европратеници и одземањето на 600.000 евра од нивните станови.
Обвинителите се сомневаат дека една земја од Персискиот залив, а медиумите пишуваат дека тоа е Катар, неколку месеци плаќала високи суми за да влијае на економските и политичките одлуки на Европскиот парламент. Во меѓувреме, претресени се 19 станови и канцеларии, а шест лица се приведени по полициската акција во Брисел.
Грчкиот комесар Шинас ја претставуваше Европската унија на церемонијата на отворањето на Светското првенство во Доха, главниот град на Катар, а европратениците го критикуваа во последните месеци затоа што преку Твитер ја фалеше реформата во работата на катарските власти.
Фон дер Лајен не понуди одговор на прашањето за корупцискиот скандал, а особено за Шинас.
Непромислената одлука на заменик-портпаролот на Европската комисија, Дана Спинант, да ја затвори прес-конференцијата предизвика бурни реакции кај новинарите кои побараа дополнителни појаснувања.
– Не одговоривте на ниту едно прашање, извика еден новинар додека Спинант се обидуваше да ја заврши прес-конференцијата.
– Вака не може да се организира прес-конференција, одговори Спинант, додека новинарите гласно протестираа.
Иако Фон дер Лајен одговори на некои прашања за скандалот, таа избегна да одговори на новинарско прашање за околностите на заминувањето на Шинас во Катар.