Кинеската провинција Сечуан им овозможи на невенчаните парови легално да имаат деца

од Radmila Tasevska
125 прегледи

Здравствените власти во југозападната кинеска провинција Сечуан ќе им дозволат на невенчаните двојки да се регистрираат и да основаат семејство и да уживаат во бенефициите кои претходно биле резервирани само за брачни парови. Тоа е обид на локалните власти да го поттикнат растот на наталитетот.

Државниот регистарски систем за парови обезбедува породилно осигурување кое ги покрива медицинските сметки и им овозможува на жените да ја задржат платата за време на породилното отсуство, пренесува Ројтерс.

Овие бенефиции сега ќе се прошират на немажените жени и мажи во Сечуан, каде што постарите од 60 години сочинуваат 21 отсто од населението, според податоците на владината агенција.

Мерката има за цел „да го промовира долгорочниот и рамномерен развој на населението“, се вели во соопштението на здравствената комисија во Сечуан.

Од 15 февруари, на брачните двојки и на сите поединци кои сакаат да имаат деца ќе им биде дозволено да се регистрираат во владата во петтата најнаселена кинеска провинција, без ограничување на бројот на деца за кои можат да аплицираат.

Досега, комисијата дозволуваше само брачни парови кои сакаат да имаат до две деца да се пријават кај локалните власти.

Населението на Кина се намали минатата година за прв пат по шест децении, а се очекува дека бројот на луѓе во Кина дополнително ќе се намали во наредните децении.

Голем дел од демографскиот пад на Кина произлегува од нејзината политика за едно дете, наметната помеѓу 1980 и 2015 година.

Слични содржини