Тесла го стопира производството во Германија поради прекини во транспортот на Црвеното Море

од Radmila Tasevska
295 прегледи

Производителот на автомобили Тесла во голема мера го запре производството во својата фабрика кај Берлин на околу две недели поради прекини во синџирот на снабдување предизвикани од нападите на бродовите во Црвеното Море, потврди денеска компанијата.

Нападите на милитантите Хути од Јемен на главната поморска рута што води до Суецкиот канал ги натераа големите бродски фирми да ја избегнуваат областа и да користат алтернативни бродски рути, кои генерално се многу подолги.

Коридорот е важна трговска врска меѓу Европа и големи делови од Азија.

„Поради недостиг на компоненти, принудени сме да го прекинеме производството на возила во Гигафактори Берлин-Бранденбург (Gigafactory Berlin-Brandenburg) помеѓу 29 јануари и 11 февруари, со исклучок на неколку подобласти“, објави компанијата.

Производството во фабриката, во берлинското предградие Грунхајде, ќе продолжи целосно на 12 февруари, соопшти компанијата

Тесла не откри детали за компонентите што недостасуваат.

Од избувнувањето на војната во Појасот Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, милитантите Хути поддржани од Иран почнаа да напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море, наводно поврзани со Израел, како знак на поддршка за Хамас.

Слични содржини