Шефот на молдавското разузнавање предупреди вчера дека Русија планира нови обиди за мешање во внатрешните работи на земјата провоцирајќи протести, мешајќи се во претстојните претседателски избори и нарушувајќи плановите на земјата за членство во Европската Унија.
Александру Мустеата, директор на Службата за информирање и безбедност, вели дека неговата агенција пресретнала рекордно ниво активности на руските безбедносни служби од 2023 година и дека очекуваат нови дестабилизирачки дејства годинава и догодина.
„Руските разузнавачки служби имаат намера да се мешаат и во изборните процеси годинава. Имаме информации дека се прават обиди да се попречи референдумот за европската интеграција и да се дискредитираат владините институции и политичари кои го поддржуваат приемот на Молдавија во ЕУ,“ вели тој.
Односите меѓу Молдавија и Русија се распаднаа откако владата зазеде проеврпски курс и ја обвини Москва за обиди за дестабилизација. Прозападната претседателка на оваа поранешна совбетска држава, Маја Санду, ја осуди руската инвазија на Украина додека ја води земјатра на пат кон ЕУ и кон одбрамбениот сојуз НАТО.
Москва ги негира обвинувањата за мешање и ја обвинува Санду дека ги подгрева антируските чувства во земјата која се протега меѓу Украина и Романија.
Санду планира да се кандидира за втор мандат на претседателските избори наесен, а нејзината партија освои повеќе од 40 отсто од гласовите на локалните избори за градоначалници, градски власти и за обласните и селските совети.
Владата планира и национален референдум за својата проевропска ориентација иако се уште не се утврдени датуми за него.
Мустеата тврди дека Москва се обидела да се вмеша и во локалните избори лани во ноември, како и дека најверојатно планира да испровоцира протести во Молдавија во март и април, особено во источниот и во јужниот дел од земјата, и да ги поттикне сепаратистичките чувства.
Минатиот месец, прорускиот шеф на молдавскиот регион Гагаузија побара поддршка од Москва и одржување блиски врски, а отцепениот регион Транснистрија побара Русија да ѝ помогне на неговата економија да го издржи притисоот од Молдавија.