Украина потопи или онеспособи третина од руската воена бродска флота во Црното Море за време на двегодишната војна, соопшти денеска портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук.
Плетенчук рече дека во последниот напад во саботата вечерта, цел бил десантниот брод Костиантин Олшански, кој се наоѓал на пристаништето во Севастопол, Крим, кој беше окупиран од Москва.
Пред да биде заробен и искористен од Москва, бродот бил дел од украинската морнарица. Плетенчук претходно изјави дека два други амфибиски брода од ист тип, Азов и Јамал, исто така биле оштетени во нападот во саботата, заедно со разузнавачкиот брод Иван Курс.
Портпаролот денеска изјави дека нападот за време на викендот бил извршен со ракети произведени од Украина и дека биле погодени просториите на пристаништето во Севастопол како и складиште за нафта.
Руските власти известија за голем украински напад на пристаништето за време на викендот, но не дадоа информации колкава е штетата на објектите и флотата.
Плетенчук вети дека Украина ќе продолжи со удари.
„Нашата крајна цел е целосно отсуство на руски воени бродови во регионот Азовско и Црно Море“, рече тој.