Израел во последните 30 години уби повеќе хуманитарци во Газа отколку што загинаа во цел свет

од Сенада Ибраимова
249 прегледи

Најмалку 203 хуманитарни работници се убиени во Газа од 7 октомври, според извештајот на Базата на податоци за безбедност на хуманитарните работници.

Израел убил повеќе хуманитарни работници во Појасот Газа за шест месеци отколку што биле убиени во сите земји во светот во последните 30 години, според извештајот на Базата на податоци за безбедност на хуманитарните работници (AWSD).

Откако бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, започнаа напад врз Израел на 7 октомври минатата година, најмалку 203 хуманитарни работници се убиени во израелските напади, според извештајот, пренесува Анадолија.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, ја оцени ситуацијата како „несовесна“.

Гутереш минатата недела изрази загриженост поради континуираното спречување на хуманитарните работници на ОН да ги извршуваат своите должности во опколениот Појас Газа, особено во северниот дел на палестинската енклава.

Американската организација за помош во храна World Central Kitchen (WCK) потврди дека седум нејзини хуманитарни работници биле убиени во израелски напад во понеделникот во Појасот Газа.

Работниците биле државјани на Австралија, Полска, Велика Британија и Палестина, како и двојни државјани на Америка и Канада.

ОН соопштија дека го прекинуваат ноќното движење на својот персонал најмалку 48 часа по нападот.

Апел за истрага

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Себастијан Фишер, рече дека Берлин очекува израелската влада да ги прилагоди своите операции за цивилите да бидат подобро заштитени, а секако, тоа според него особено се однесува на жените и мажите во хуманитарна помош.

„Израелската влада мора брзо и темелно да го истражи овој ужасен инцидент“, напиша министерката за надворешни работи Аналена Баербок на социјалната мрежа Х.

Канада го осуди нападот врз хуманитарните работници на WCK и повика на целосна истрага.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе, побара одговорност од Израел за инцидентот.

„Австралија очекува целосна одговорност за смртта на хуманитарните работници, што е целосно неприфатливо“, рече Албанезе.

САД, исто така, го повикаа Израел брзо да спроведе истрага.

„Хуманитарните работници мора да бидат заштитени додека ја доставуваат очајно потребната помош“, рече портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон.

Полска побара објаснување од Израел за смртоносниот напад врз хуманитарните работници, меѓу кои и еден полски државјанин.

Како што изјави заменик министерот за надворешни работи Анджеј Шејна, Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, веднаш контактирал со израелскиот амбасадор и побарал објаснување.

 

Слични содржини