Командантот на елитната единица на иранската армија – Чувари на иранската револуција, генерал Хосеин Салами изјави дека „ниту една закана нема да остане без одговор“.
Тој го изјави ова на Универзитетот во Техеран додека го коментираше нападот врз иранската амбасада во Сирија што му се припишува на Израел.
Во тој бомбашки напад загинаа командант на иранската револуционерна гарда и петмина членови на таа група, како и двајца советници. Убиени се уште четворица Сиријци.
Погребот на убиените Иранци се одржа во Техеран, а во погребната поворка се собраа илјадници луѓе кои извикуваа „смрт за Израел“ и „смрт за Америка“. Погребот се одржа на Денот на Ерусалим, кој се слави во последниот петок од светиот месец Рамазан од Исламската револуција во 1979 година.
Собири во знак на протест против убиените Иранци се одржаа и во други градови низ земјата.
„Колапсот (на ционистичкиот режим) е многу можен и близок“, рече Салами, додавајќи дека САД станаа „омразени од светот, особено во земјите во кои доминираат муслимани“.
Тој додаде дека сегашниот опстанок на Израел зависи од американската поддршка.
Иран не го признава Израел и го смета за свој најголем непријател и ги поддржува милитантните групи, палестинскиот Хамас и либанскиот Хезболах.