Шефот на израелската дипломатија се закани дека силите на неговата земја директно ќе го нападнат Иран доколку земјата изврши напад врз Израел од нејзина територија.
Тензиите меѓу двете земји растат по убиството на иранските генерали во нападот на иранскиот конзулат во Сирија, јавува Асошиејтед прес (АП).
„Ако Иран нападне од негова територија, Израел ќе одговори и ќе го нападне Иран“, објави министерот Израел Кац на X.
Неговата објава дојде откако иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи утринава го повтори своето ветување дека ќе му се одмазди на Израел за нападот врз неговиот конзулат во Дамаск претходно овој месец.
Техеран го смета Израел одговорен за нападот во кој загинаа 12 лица. Израел не ја призна својата вмешаност, иако се подготвува за ирански одговор на нападот, што претставува значајна ескалација во нивната долготрајна војна во сенка.