Климатските промени главната причина за губење на биолошката разновидност до средината на овој век

од Milan1
260 прегледи

Климатските промени најверојатно ќе станат главната причина за губење на биолошката разновидност до средината на 21 век, сметаат експертите од германскиот центар за интегративно истражување на биолошката разновидност.

Научниците ја спроведоа досега најголемата студија од ваков вид со вклучување на сите региони во светот во нивниот модел, а резултатите од нивното истражување беа објавени во списанието „Science“.

Тие ги анализираа начините на кои користењето на земјиштето и климатските промени влијаат врз биолошката разновидност и екосистемските услуги, односно придобивките што луѓето ги добиваат од природата.

Според нивните проценки, глобалната биолошка разновидност се намалила помеѓу два и 11 отсто во текот на 20 век само поради промената на користењето на земјиштето, но климатските промени би можеле да станат главна причина за опаѓање на биолошката разновидност до средината на 21 век.

Иако промените во користењето на земјиштето продолжуваат во голема мера да влијаат на биолошката разновидност, климатските промени вршат дополнителен притисок врз природата во сите делови на светот.

Истражувачите процениле дека дури и со примена на принципите за одржлив развој, комбинираните влијанија од промената на користењето на земјиштето и климатските промени ќе доведат до глобално губење на биолошката разновидност. Затоа, проценката на влијанието на специфичните политики врз биолошката разновидност е важна со цел да се идентификуваат оние кои се најефективни за зачувување на природата.

Друга неодамнешна студија објавена во списанието „Science“ сведочи дека постои надеж за обновување на биолошката разновидност.

Глобалниот еколошки фонд „IUCN“ го поддржа развојот на мета-анализа на 186 студии и 665 испитувања за да се утврди дали акцијата за зачувување на биолошката разновидност дава подобри резултати во споредба со неправењето ништо.

Мета-анализата покажа дека во повеќе од половина од случаите, активностите за зачувување имале позитивен ефект, но не го запрат во целоост падот на биолошката разновидност. Истражувањето, исто така, посочува дека годишно се инвестираат милијарди долари на глобално ниво за заштита на биолошката разновидност, а повеќекратните активности за зачувување се покажаа како корисни.

Владите неодамна усвоија нови глобални цели за запирање и враќање на загубата на биолошката разновидност, така што разбирањето на резултатите од активностите за зачувување е од клучно значење. Проценката дали иницијативите за зачувување водат до позитивни резултати за биолошката разновидност е од суштинско значење за да се насочат идните напори, се вели во студијата.

Слични содржини