Околу 360.000 жители на Појасот Газа го напуштија градот Рафах во јужниот дел на палестинската енклава откако Израел нареди евакуација на дел од градот минатата недела, објави Агенцијата на Обединетите нации за помош на Палестинците во Газа (UNRWA).
Во исто време, Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, изјави дека здравствениот систем е во опасност од колапс „во рок од неколку часа“, откако борбите ја блокираа испораката на гориво преку клучните премини, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Ни делат само неколку часа до колапс на здравствениот систем во Појасот Газа поради недостиг на потребното гориво за работа на генератори во болниците, амбулантите и за транспорт на персонал“, се вели во соопштението на Министерството а пренесува Танјуг.
Израелскиот воен кабинет во четвртокот вечерта гласаше за одобрување на воената операција во Рафах.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) минатиот понеделник започнаа со евакуација на Палестинците од источната периферија на Рафах, пред израелските сили да влезат во областа.
Подољак: Новата руска влада е создадена за да ги зголеми воените капацитети
Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за Палестинците во Газа (UNRWA) соопшти дека околу 300.000 луѓе биле погодени од наредбите за евакуација во Рафа и Џабалија, но дека бројките веројатно ќе бидат поголеми бидејќи станува збор за густо населени области.
Околу милион Палестинци, кои избегаа од конфликтот во другите делови на енклавата, најдоа засолниште во Рафах.