Турција се подготвува да ги тргне кучињата од улиците со нов закон

од Илинка Илиоска
861 прегледи

Анкара подготви предлог закон за да ги тргне кучињата од улиците, наведувајќи ја загриженоста за напади, сообраќајни несреќи и беснило. Како што продолжува дебатата за законските регулативи за бездомните животни, министерот за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли, посочи дека проблемот е недостатокот на одговорна страна за бездомните животни според сегашниот закон.

Јумакли истакна дека во изминатите пет години биле стерилизирани приближно 260.000 кучиња, но за да се реши проблемот потребно е стерилизирање на 70 отсто од популацијата на кучињата скитници.

Обраќајќи се на тековните дискусии на социјалните медиуми за ова прашање, Јумакли ја нагласи потребата од технички податоци за да ги водат решенијата.

„Бројот на бездомните кучиња се проценува на речиси 4 милиони“, истакна тој, објаснувајќи дека кучињата скитници се размножуваат олодно, раѓаат шест до осум кученца до два пати годишно и често се преселуваат, што ги комплицира напорите за прецизно следење на нивниот број.

„Турција е класифицирана од Светската здравствена организација како земја со висок ризик од беснило“, рече Јумакли, додавајќи дека неколку земји издадоа предупредувања за патување на своите граѓани поради ризикот од беснило и опасностите од кучињата скитници во Турција.

Во тој поглед, Јумакли сподели алармантна статистика од Министерството за здравство.

„Иако бројот на контакти со ризик од беснило, вклучително и домашни миленици, беше во просек 267.000 помеѓу 2018 и 2022 година, овој број речиси се удвои на 438.000 во 2023 година“, рече тој.

Тој дополнително ги истакна опасностите во сообраќајот што ги предизвикуваат бездомните животни, повикувајќи се на податоците од Министерството за внатрешни работи кои укажуваат дека во последните пет години во 3.534 сообраќајни несреќи со судир на животни се регистрирани 55 смртни случаи и 5.147 повреди.

Наведувајќи дека ги поздравува „промислените дискусии, мислења и предлози за ова прашање“, тој рече: „Верувам дека нашата земја може да го надмине овој проблем со реални решенија предложени од експерти, особено од научници, и со поддршка од нашите граѓани.

Тековната дебата започна откако владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) неодамна предложи контроверзна мерка како дел од новиот закон кој вклучува убивање на кучињата скитници кои не се усвојуваат во рок од 30 дена од фаќањето.

Сепак, овој предлог предизвика значителна реакција кај јавноста и групите за заштита на животните па реагираше и претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Тој пред два дена се обиде да ги смири стравувањата од евтаназија на кучињата.

Ердоган рече дека владата реагира на поплаките за кучињата скитници. Тој во декември зборуваше за потребата да се дејствува  откако 10-годишно дете беше сериозно повредено од кучиња скитници во Анкара. Момчето беше отпуштено од болница три месеци подоцна, а неговиот татко Халил Јилмаз рече дека неговиот син сè уште е на секојдневно лекување и дека ќе има уште една операција во јули.

„Не сакаме кучиња скитници на улиците. Напаѓачите, оние со беснило и други болести треба да се успијат“, рече тој. „Јас сум против евтаназија на нормални, здрави кучиња“, рече тој, велејќи дека тие треба да се чуваат во засолништа.

Слични содржини