Секој месец од јуни 2023 година до мај 2024 година беше најтопол: Човештвото е на патот што води кон климатскиот пекол, црниот рекорд допрва доаѓа!

од Илинка Илиоска
157 прегледи

Планетата штотуку доживеа „шокантна“ нова пресвртница, издржувајќи 12 последователни месеци невидена топлина, покажуваат најновите податоци на службата за мониторинг на климата на Европската унија „Коперник“. Секој месец од јуни 2023 година до мај 2024 година бил најтоплиот таков месец досега, покажаа податоците од оваа услуга.

12-месечната топлотна низа беше „шокантна, но не и изненадувачка со оглед на климатските промени предизвикани од човекот“, рече Карло Буонтемпо, директор на агенцијата, кој предупреди дека најлошото допрва доаѓа, пренесува Си-Ен-Ен.

„Доколку не се намали загадувањето со фосилни горива што ја загреваат планетата, оваа серија најтопли месеци ќе биде запаметена како релативно студена“, рече тој.

Коперник ги објави податоците истиот ден кога генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш одржа драматичен говор во Њујорк за климатските промени, осудувајќи ги компаниите за фосилни горива како „кумови на климатскиот хаос“ и, за прв пат, експлицитно ги повика сите земјите да забранат рекламирање производи од фосилни горива.

Гутереш ги повика светските лидери брзо да ја преземат контролата врз растечката климатска криза.

„Играме руски рулет со нашата планета. Ни треба излезна рампа од автопатот што води кон климатскиот пекол“, рече Гутереш.

Податоците покажуваат дека секој месец од јули 2023 година бил за најмалку 1,5 степени потопол од прединдустриските температури, кога луѓето почнале да согоруваат големи количини на фосилни горива што ја затоплуваат планетата. Просечната глобална температура во последните 12 месеци била 1,63 степени над прединдустриските нивоа.

Веста доаѓа во време кога САД го доживуваат својот прв топлотен бран во летото со драстично зголемување на температурите. Невидените горештини веќе оставија страшни последици оваа пролет, кога беа забележани и жртви.

Десетици загинаа во Индија во текот на изминатите неколку недели бидејќи температурите се искачија и до 50 степени Целзиусови. Бруталните температури во Југоисточна Азија, исто така, доведоа до смртни случаи, затворање училишта. Голем пораст на температурите е забележан и во Мексико каде поради таквата топлина мајмуни паднале од дрвја.

Глобалните температури се очекува да почнат да паѓаат под рекордните нивоа во следните неколку месеци бидејќи Ел Нињо – природен климатски феномен кој има тенденција да ја зголеми просечната температура на планетата – слабее.

Гутереш се осврна и на новите податоци објавени од Светската метеоролошка организација, според кои има речиси 86 отсто шанси барем една од годините помеѓу 2024 и 2028 година да го собори рекордот за најтопла година, поставен во 2023 година.

 

Слични содржини