Во изминатите месеци љубителите на кафе ширум светот се соочија со брзо поскапување на нивниот омилен пијалок. Овој тренд е предизвикан од повеќе фактори, кои го разбрануваа пазарот на кафе, а резултатот е нарушен баланс на понудата и побарувачката.
Сведоци сме на неповолни промени во синџирот на снабдување, кои дополнително ги зголемуваат трошоците за транспорт и дистрибуција на кафето, што се заедно придонесува за зголемување на цените на глобално ниво.
За подобро да ја разбереме ситуацијата, прво ќе ја разложиме.
Првата компонента на овој комплексен проблем лежи во драстичните климатски промени кои зафатија две клучни земји производители на кафе. Виетнам, најголемиот производител на Робуста, страда веќе две години по ред поради долготрајните суши кои сериозно го оштетија здравјето на растенијата и ги намалија приносите, што доведе до недостиг на кафе на пазарот. А кога побарувачката ја надминува понудата, тоа неминовно води до значителен скок на цените, па сведоци сме на ситуација во која Робустата за прв пат во историјата ја надмина цената на Арабиката.
Од друга страна, Бразил, доминантниот производител на Арабика, се соочува со обилни дождови, кои ги оштетија посевите и дополнително го намалија производството, па така заклучно со крајот на 2023 година бележиме пораст на цената на арабика за околу 40%.
Покрај климатските предизвици, дополнителен притисок врз пазарот на кафе доаѓа и од нарушувањата на меѓународните трговски патишта. Пандемијата на Ковид ги наруши глобалните синџири на снабдување и токму кога се чинеше дека полека се стабилизира состојбата, новите проблеми, како што се логистичките тесни грла и недостигот на работна сила, ја отежнуваат ситуацијата уште повеќе. Овие фактори резултираа со побавни испораки и зголемени транспортни трошоци, кои директно се одразуваат на цената на кафето. Засега, на глобално. Дополнително, во последните неколку години, сведоци сме на постојан пораст на трошоците за енергија што влијае на многу индустрии, вклучувајќи го и производството на кафе.
Конечно, глобалната политичка ситуација, обележана со се почести вооружени конфликти, дополнително влијае на пазарот на кафе. Конфликтите ширум светот ги нарушија трговските текови и создадоа несигурност што ги одвраќа инвестициите и ги дестабилизира цените. Нападите на Хутите врз товарните бродови во Црвеното Море ги принудуваат бродовите да користат алтернативни патишта, како што се обиколување на Африка и Ртот Добра надеж, наместо користење на Суецкиот канал. Ова го зголемува времето на транзит на бродовите од Азија во Европа од 30 на 90 дена, што ги зголемува трошоците за транспорт и цената на сировото кафе.
Имајќи го предвид сето горенаведено, ситуацијата на пазарот на кафе изгледа никогаш не била покомплексна и очигледно е дека за стабилизација на пазарот ќе биде потребно време.