Во иницијативата, за која ќе се расправа следниот вторник, се наведува дека Косово е „правна и демократска држава со приближно 1,7 милиони жители, која ја признаваат 104 земји, вклучувајќи 22 членки на Европската Унија“.
Шпанскиот медиум потсетува дека Косово еднострано прогласи независност во февруари 2008 година, иако Србија и понатаму го смета за автономна покраина, како и дека не го признаваат Шпанија, Романија, Словачка, Кипар и Грција, тврдејќи дека тоа е „едностран акт“ кој нема одобрување од Белград.
Пратеничката група на Жунтс потсетува дека Меѓународниот суд на правдата во јули 2010 пресуди дека „прогласувањето независност на Косово не го прекршило меѓународното право“ и дека не постоело правило кое би го спречило да продолжи со тоа.
„Шпанското одбивање да признае држава која го искористила своето легитимно право на самоопределување е пречка за европската политика на инкорпорација на Западен Балкан во ЕУ, а тоа е фактор на дестабилизација на просторот во контекст кој ја одбележа војната во Украина која овој дел од Европа ја преживува со особени маки“, се наведува во објаснувањето.
Додаваат дека не е прифатливо шпанската држава да дели иста стратегија на одбивање на признавањето на Косово како Русија, Белорусија или Кина, особено кога, како што се наведува, „Шпанија веќе има индиректни односи со Косово, од минатиот јануари се признати и косовските пасоши во шенгенскиот простор“.
Од овие причини, партијата смета дека „како поддршка на напорите кои институциите и народот на Косово ги прават во одбрана на своето право да постојат како независна држава, шпанската држава мора да се откаже од своето одбивање и мора да го признае Косово“.
Во таа смисла, претставениот текст едноставно предлага Конгресот „да ја повика владата да го признае Косово како суверена држава“.