Министерството за образование и наука го распиша Конкурсот за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за вонредни двегодишни студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма за академската 2024/2025 година.
Стипендиите покриваат уписнина за 20 студенти за студии на оваа програма, која се реализира во Солун, со двојна диплома – од Универзитетот Јорк во Обединетото Кралство и од Универзитетот во Стразбур, Франција, за насоките: Општ менаџмент; Маркетинг; Финансии; Менаџмент во логистика; Менаџмент во здравство и Менаџмент на човечки ресурси.
На Конкурсот може да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис менаџери вработени во компании од приватниот и од јавниот сектор.
Најдобрите дваесет кандидати ќе бидат избрани според критериумите наведени во конкурсот за доделување на стипендиите и според ранг-листата изготвена од Комисијата за избор.
Вкупната школарина за МБА-програмата е 14.890 евра по студент. По 50 отсто од школарината (односно по 7.445 евра за студент) ќе покријат Универзитетот и Владата на Република Северна Македонија.
Паневропската извршна МБА-програма е предвидено да се реализира во Солун, за време на викенди. Корисниците на стипендии треба да патуваат во Солун најмногу до еден викенд во месецот во период од две години и да учествуваат на студиските посети во траење од три недели: по една недела на Универзитетот Јорк, Универзитетот во Стразбур и една студиска недела во Солун. Сите предавања ќе бидат на англиски јазик.
Како што наведува МОН во објавениот Конкурс, по успешно завршување на дуалната МБА-програма, студентите ќе добијат две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација – од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур.
– Стипендиите ги покриваат само средствата за уписнина. Останатите средства (патни трошоци, сместување и други животни трошоци) се на товар на кандидатот, се наведува во Конкурсот во кој се содржани условите за пријавување, критериумите за избор на кандидатите, документите што треба да се поднесат, како и лица за контакт.
Рокот за пријавување на Конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“ е 13 септември 2024.