Францускиот претседател Емануел Макрон ја започнува дводневната посета на Србија, која се очекува да донесе договор за продажба на борбени авиони „Рафал“ на таа балканска земја, која се обидува да ги балансира врските со Русија и Западот по инвазијата на Москва на Украина, пишува „Франс 24“ по повод посетата на Макрон на Белград.
Францускиот канал наведува дека Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година и се надева дека ќе ги зајакне врските со Франција.
Постојат големи очекувања дека Франција и Србија ќе потпишат договор вреден милијарди евра за испорака на борбени авиони на таа балканска земја за време на посетата на претседателот Емануел Макрон на Белград, пишува „Франс 24“.
Во написот за посетата на Макрон, „Франс 24“ потсетува на изјавата на Александар Вучиќ за агенцијата АФП дека се надева дека ќе биде потпишан договор за „Рафалите“.
Договорот за купување на француски авиони Рафал би бил еден од неколкуте договори потпишани за време на посетата, изјави Вучиќ во интервјуто, најавувајќи дека „има илјадници работи“ за кои ќе треба да разговараат и многу договори што ќе ги потпишат.
Неименуван функционер во кабинетот на Макрон рече дека разговорите за воени авиони се дел од пошироката стратегија за „доближување на Србија до ЕУ“.