На изборната прослава на десничарската Алтернатива за Германија (АФД) по покраинските избори вечерва во Тирингија, воопшто нема да има новинари, потврди заменик портпаролот на покраинскиот огранок на АФД, Торбен Брага.
Како што пишува Дојче веле, новинарите во недела навечер во покраинскиот парламент во Тирингија ќе можат да интервјуираат претставници на АФД.
Партијата одлучи да ги исклучи сите новинари како резултат на пресудата на покраинскиот суд во Ерфурт, кој одлучи дека АФД мора на сите новинари да им обезбеди еднаков пристап до партиската прослава по покраинските избори.
Претходно, Spiegel, Bild, Welt и Tageskeitung апелираа до судот да ја оспори одлуката за исклучување на нивните новинари од прославата од страна на АФД, која на некои новинари им додели акредитација, додека други медиуми беа одбиени.
Според информациите на АФД, барања за акредитација пристигнале од 150 новинари. Дополнително, треба да се сместат уште 150 гости. Но, од партијата изјавија дека нема доволно простор во соодветната кафеана.
Дојче веле наведува дека АФД од безбедносни причини ја чува во тајност локацијата на прославата.
АФД соопшти дека 50 претставници на медиумите веќе добиле потврден одговор, односно акредитација, откако претходно биле поканети. Судот смета дека тоа е дискриминација на некои претставници на медиумите.
Портпаролот на АФД ја оправда поканата на избраните претставници на медиумите со тоа што тие континуирано известуваат за провинциската политика во Тирингија и тамошната АФД.
Централните изборни прослави на политичките партии на денот на изборите се традиционално важни настани за новинарите.
Кај нив се следи расположението за изборните резултати, се прават интервјуа, а на нив често се присутни и бројни познати партиски претставници.
Во две источногермански покраини, Тирингија и Саксонија, денеска се одржуваат избори за покраинските парламенти и иако таму живеат само околу шест милиони луѓе, исходот може да биде важен и за сојузната влада.