Откако утринава започна бран воздушни напади врз цели на Хезболах, израелската војска се подготвува за следната фаза од операцијата во Либан, изјави началникот на Генералштабот на ИД, генерал Херзи Халеви.
– Мета ни е е борбената инфраструктура што Хезболах ја градеше во изминатите 20 години. Ова е многу значајно. Напаѓаме цели и се подготвуваме за следните фази – се вели во соопштението на Халеви без дополнителни детали.
Израелската војска денеска објави дека погодила повеќе од 800 цели на Хезболах во јужен Либан и долината Бека во источен Либан.
– Меѓу погодените цели има и згради каде Хезболах криел ракети, проектили, ракетни фрлачи, беспилотни летала и друга терористичка опрема – се вели во армиското соопштение.
Либанското Министерство за здравство објави соопштение во кое се наведува дека од почетокот на денешните израелски напади досега загинале 274 лица, а 1.024 се ранети, но дека од бројките не може да се заклучи колку од загинатите се цивили, а колку членови на Хезболах.