Во Белград вечерва се одржа протест поради смртта на 14 лица во Нови Сад кои загинаа при уривање на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември. Протестот кој го организираа опозициските партии почна со едноминутно молчење пред Владата на Србија во 17 часот и читање на имињата на жртвите, по што говорниците побараа одговорност за оваа трагедија, пренесува „Н1“ телевизија, пренесува „Данас“.
По обраќањето пред Владата на Србија, колоната се упати кон Претседателството, каде опозицијата се обиде да ги предаде барањата за несреќата во Нови Сад, но не успеаја.
„На вратата од оваа зграда има синџир и катанец, зградата е полна со полиција. Како најхрабрите ги пречекуваат своите граѓани, тие синџири ќе бидат на рацете на убијците. Нема да ви ја дадеме државата. До победа, до слобода“, изјави Срѓан Миливојевиќ, претставник на Демократската партија и додаде дека барањата ќе ги достави до Собранието.
Пред Претседателството Смиљан Бањац прочита отворено писмо кое таткото на уапсениот Никола Кончаревиќ го упати до претседателот на Србија.
Организаторите и насобраните граѓани бараат оставка од српскиот премиер Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ. Покрај политичката одговорност, јавноста во Србија бара и кривично да одговараат сите оние кои на кој било начин – преку дејствување или непостапување – се виновни за падот на настрешницата и за трагедијата што се случи.
Насобраните носеа различни транспаренти, меѓу кои беа и знамињата на Не дамо Јадар. На протестот пред Владата на Србија се појавија три лица, од кои две носеа знамиња на Европската унија, а едно знаме на кое беше испишано „Евромајдан Србија“.
Како што изјави репортерот на „Фонет“, тоа предизвикало револт кај насобраните граѓани кои извикувале: „Спуштете ги знамињата, спуштете ги знамињата“, а полицајците во цивил ги обезбедувале од останатите учесници на протестот и ги спречуваа граѓаните да се справат со нив.