Дете давено и удирано во глава од соученик во Велес заврши на Неврохирургија во Скопје

од Milan1
181 прегледи

Дванаесетгодишен ученик од ОУ „Блаже Конески“ од Велес вчера заврши на Клиниката на неврохирургија во Скопје со тешки повреди на мозокот, откако друг основец го давел и му ја удирал главата.

Во Полициската станица Велес вчера било пријавено дека во oпштинско основно училиште во Велес, малолетник физички нападнал друг малолетник, негов соученик. Нападнатиот малолетникот бил однесен во болницата во Велес, по што, поради сериозноста на повредата бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје. За настанот известен бил јавен обвинител и Центар за социјални работи Велес, соопштија од МВР.

В.д. директорката на ООУ„Блаже Конески“ Маја Коруновска преку соопштение до медиумите информираше дека „немилиот инцидент“ се случил пред почетокот на вториот час за време на малиот одмор, помеѓу двајца ученици од предметна настава.

Од страна на предметните наставници, стручната служба и директорот веднаш е постапено со тоа што е повикана Итна медицинска помош и се известени родителите на повредениот ученик и тој во придружба со одделенскиот раководител и секретарот на училиштето е пренесен во Општата болница во Велес. Веднаш се извршени разговори за резрешување на случајот со сите ученици од одделенската заедница, индивидуално е разговарано со ученикот кој го предизвикал инцидентот и разговори со група на ученици од одделението. Известени се и повикани на разговор родителите на ученикот кој го предизвикал инцидентот и запознаени се со целиот случај и понатамошните постапки кои ќе ги преземе училиштето за случајот. Од страна на училиштето е постапено во согласност со Законот за основно образование и се известени СВР Велес и Центарот за социјални работи Велес, вели таа.

Појаснува дека во училиштето е направен увид од страна на службени лица од СВР Велес при што е објаснет целиот инцидент и дадени се индивидуални изјави од стана на неколку предметни наставници, лице од технички персонал и директорот, кои интервенирале веднаш по случувањето на инцидентот.

Директорката и стручната служба ќе продолжат да постапуваат согласно Законските и подзаконските акти, процедури и насоки за постапување при вакви постапки со цел во иднина да не се повторуваат. Училиштето, како и до сега е подготвено за соработка со сите надлежни институции за надминување на вакви ситуации. Ве замолуваме да се воздржите од ширење на дезинформации по овој случај со цел да се заштитат учениците вклучени во инцидентот, нивните семејства и другите ученици од одделенската заедница, а истовремено да се спречат несоодветни реакции од страна на потесната и пошироката јавност, апелира в.д директорката Коруновска.

Слични содржини