Корисниците чии податоци биле незаконски прибирани во периодот од 2018 до 2019 година сега имаат право на паричен надоместок, дури и ако не претрпеле директна материјална штета.
Судот заклучил дека губењето на контролата врз личните податоци е доволна основа за отштета, што ја нагласува важноста на заштитата на приватноста во дигиталната ера. Овој случај произлезе од протекување податоци во 2021 година, кога непознати лица ја искористија функцијата за пребарување пријатели на Фејсбук за да пристапат до телефонските броеви на корисниците.
Околу шест милиони луѓе во Германија биле погодени од овој инцидент.
Еден од тужителите во овој случај побарал отштета од 1.000 евра, но судот проценил дека 100 евра претставуваат соодветна сума во случаите кога нема докази за финансиски загуби. Дополнително, судот нареди пониски инстанци да испитаат дали правилата за користење на Фејсбук се доволно јасни и дали корисниците свесно и доброволно се согласиле на обработка на нивните податоци.
Компанијата Мета, која е сопственик на Фејсбук, ја оспори одлуката. Претставниците на компанијата тврдат дека не се одговорни бидејќи немало класично хакирање на системот, туку злоупотреба на функционалноста на платформата. Тие додаваат дека оваа пресуда е во спротивност со неодамнешните одлуки на Европскиот суд на правдата и посочија дека слични барања веќе се отфрлени во илјадници случаи во Германија.