Воените зони се прошириле за 65 отсто, односно територија колку две Индии

од Milan1
24 прегледи

Површината од светот зафатена од воени конфликти се проширила за 65 отсто за само три години, покажува новиот извештај Индекс за интензитет на конфликти.

Сликовито тоа значи дека бојните полиња за само за три години се прошириле за територија двојно поголема од Индија.

– Украина, Мјанмар, Блискиот Исток и „коридорот на конфликти“ во африканскиот регион Сахел се полиња на кои војните и бунтовите се интензивираат – се наведува во извештајот.

Причина за драстичното зголемување на површината на воените конфликти е невообичаено мирниот период претходно, кога во периодот на изолациите поради пандемијата на ковид-19 стивнаа и воените судири. Експерти предупредуваат дека војните уште повеќе ќе се шират, преку активирање на „замрзнати“ кризи.

Хуго Бренан, истражувач во групата „Вериск мејплкрофт“, која ја спроведе студијата, истакнува дека новите конфликти имаат огромно влијание на глобалната сцена врз бизнисот, економскиот развој и пристапот до храна.

Главната причина е прекинувањето на синџирот за снабдување со храна и суровини поради руската воена инвазија врз Украина, што се одразило врз испраќањето жита и земјоделски производи до многу сиромашни земји на Блискиот Исток и во Африка. Овој синџир е прекинат и поради нападите на јеменските бунтовници врз транспортни бродови што поминуваат низ Црвено Море и Суецкиот канал.

– Се зголемуваат ризиците од конфликти и тоа е многу важно за глобалните бизниси. Не можете да кажете: „не ме интересира зашто немам фабрики во Судан“. Поради синџирот за снабдување, конфликтите може да имаат влијание на далеку – наведува Бренан.

Во извештајот се прецизира дека со конфликти се зафатени 6,15 милиони квадратни километри, што е 4,6 од вкупната површина на копното на планетата. За споредба, во 2021 година војни имало на 2,8 отсто од копното. Бројот на загинати лица како последица на воени дејства во истиот период се зголемил за 29 отсто.

Притоа се издвојува „коридорот на конфликти“ во Африка што се протега од Сахел до Рогот, односно од Мали на запад до Сомалија на исток. Во овој регион површината зафатена од војна се зголемила двојно. Војна се води на дури 86 отсто од површината на Буркина Фасо, а боиштата се прошириле и во Судан и Етиопија.

Анхела Росалес, директорка на меѓународна организација што им помага на деца разделени од семејствата, наведува дека вкупно 470 милиони деца директно се загрозени од војните, од Украина преку Газа и Либан, па сѐ до Судан.

– Децата во регионите зафатени со конфликт се изложени на ризик да изгубат семејна грижа ако бидат уништени нивните домови, ако им бидат убиени родителите или ако се разделат од семејствата поради егзодуси. Таквите деца се особено ранливи и лесно може да бидат жртви на експлоатирање, принудна работа, малтретирање или трговија со робје – вели Росалес.

Покрај избувнувањето нови војни, проблемот е што не запираат долгогодишните конфликти, кои понекогаш стивнуваат, но не исчезнуваат. Таков е примерот на Мјанмар, каде што новите локални бунтови спречуваат да се постигне мировно решение.

Слични содржини