Босанец отишол со сопругата на меден месец во Истанбул, исчезнал и го немало 20 дена

од Milan1
85 прегледи

Енвер Буриќ од босанскиот град Високо исчезнал во Истанбул, каде со сопругата бил на меден месец, пишува „Кликс“. Сопругата Санела на 30 декември го пријавила Енвер како исчезнат, откако повеќе од 24 часа не можела да го пронајде. Таа се обидела да побара помош преку неколку групи на Фејсбук, но не добила корисни информации.

„Ве молам помогнете, ако некој може да ми помогне. На 24 декември 2024 година со сопругот се вративме од меден месец во Дубаи. На 24 декември требаше да се префрлиме со авион за Сараево, но решивме да останеме во Истанбул за да ги поминеме новогодишните празници. Сепак, мојот сопруг последен пат го видов на 29. 12. 2024 година во Истанбул, напишала Санела во објавата.

„Очајна сум, болна, ве молам дајте ми какви било информации, упатства, не знам веќе што да правам. Ве молам, помогнете. Мојот сопруг се вика Буриќ Енвер, од Високо. Последен пат е виден облечен во црн дуксер, црна маица, црни патики, црна јакна и зелен ранец. Ќе истакнам, исчезна без ниту една лира. Ве молам, помогнете, сите инструкции, совети итн. би биле корисни. Однапред ви благодарам. Ве молам“, објави Санела на „Фејсбук“.

Исчезнувањето било пријавено во полиција во Истанбул, а известени се и Генералниот конзулат на БиХ во Истанбул, како и Амбасадата на БиХ во Анкара. По неколкудневната потрага во Истанбул, сопругата се вратила во БиХ и случајот го пријавила во полицијата во Високо.

Претставник на полицијата денеска изјави дека Санела Буриќ се јавила во полицијата и кажала дека Амбасадата на БиХ во Анкара ја известила дека Енвер е пронајден. „Тој моментално се наоѓа во центар за депортација и наскоро ќе замине во БиХ“, изјави портпаролот на полицијата. Засега не е познато во какви околностите исчезнал Буриќ, како и каде бил и што правел во 20-те дена во кои од него немало никаква трага.

Слични содржини