Калас: ЕУ започна цивилна мисија за следење на граничниот премин Рафа

од Aneta Risteska
14 прегледи

Европската унија денеска повторно започна цивилна набљудувачка мисија на граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
-Цивилната гранична мисија на ЕУ денеска се распоредува на преминот Рафа на барање на Палестинците и Израелците. Тоа ќе го поддржи палестинскиот пограничен персонал и ќе овозможи трансфер на поединци од Газа, вклучувајќи ги и оние на кои им е потребна медицинска нега, објави таа на „X“.

Калас во понеделникот објави дека постои консензус меѓу министрите за надворешни работи на земјите-членки дека Мисијата на ЕУ за гранична помош (ЕУБАМ) би можела да одигра „решавачка улога“ во поддршката на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Граничниот премин Рафа меѓу Египет и Појасот Газа денеска повторно ќе биде отворен за палестински цивили, два дена порано од предвиденото, според договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, пренесоа израелските медиуми.

Палестинските власти соопштија дека преминот ќе биде под контрола на палестинските власти и европските набљудувачи и дека ќе поминат 50 повредени милитанти и 50 ранети цивили, заедно со поединци кои ги придружуваат. Официјални лица рекоа дека на уште 100 луѓе, најверојатно студенти, ќе им биде дозволено да поминат од хуманитарни причини.

Мисијата на ЕУ за цивилна помош за следење на премините започна со работа во 2005 година, но беше суспендирана во јуни 2007 година како резултат на преземањето на Појасот Газа од страна на Хамас, а во тоа време имаше 10 меѓународни и осум локални членови.

Италија соопшти дека ќе испрати седум карабинери да се приклучат на мисијата во Рафа, покрај двајцата Италијанци кои веќе се таму, додека германските министерства за внатрешни работи и за надворешни работи разговараат за испраќање германски контингент.

Слични содржини