Шефот на фламанските конзервативци Барт Де Вевер денеска и официјално стана нов белгиски премиер положувајќи заклетва пред кралот Филип заедно со 14 членови на неговата влада, јавуваат новинарите на Франс прес.
54-годишниот лидер на фламанската националистичка партија Нова фламанска алијанса (Н-ВА), кој беше градоначалник на Антверпен 12 години, е првиот фламански националист на чело на федералната влада во Белгија.
Белгиските политички партии се согласија за влада на широка коалиција во петокот, по речиси осум месеци преговори по изборната победа на Новата фламанска алијанса (Н-ВА).
Де Вевер ќе ја консолидира земјата понатаму надесно заедно со четирите партнерски партии во неговата коалиција, која ќе ги вклучува демохристијаните и социјалистите од Фландрија, како и либералите и центристите од франкофонската Валонија.
Екстремно десничарската партија Влаамс Беланг (фламански интерес) е исклучена од преговорите за формирање влада и покрај тоа што на изборите во јуни 2024 година постигна најголемо зголемување на поддршката и стана втора по големина политичка партија во Белгија.