Замрзнатата американска помош го става Косово во неизвесност

од Aneta Risteska
25 прегледи

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине странската помош за период од три месеци ќе има сериозни последици за Приштина. Иако не е јасно колкав дел од средствата се веќе искористени, а колку се замрзнати, станува збор за проекти и програми вредни околу 130 милиони евра. Косово, кое досега во голема мера зависеше од оваа финансиска поддршка, ќе мора да најде алтернативни извори на финансирање.

Како резултат на одлуката, замрзнати се донациите на САД за поддршка на правосудниот систем, владината транспарентност и отчетност, како и подобрување на енергетскиот пазар, пренесува Коха. Косово главно добива финансиска поддршка од САД преку Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД), која досега инвестирала над милијарда долари во земјата во изминатите 25 години.

Според Коха, УСАИД има проекти за поддршка на судскиот систем во вредност од 24 милиони евра, за транспарентност и вклучување на граѓаните во локалното одлучување во вредност од 26 милиони евра, за подобрување на енергетиката во вредност од 12 милиони евра и дополнителни активности вредни околу 31 милион евра. Не е познато колку од овие средства остануваат замрзнати.

Минатата година, претседателката Вјоса Османи потпиша договор со УСАИД за грант од 34,5 милиони долари. Но, со новата одлука на Трамп, сите идни исплати се ставени во неизвесност.

Економистот Емануел Бајра во изјава за Коха нагласува дека Косово мора да престане да се потпира на странска финансиска помош:
– Ние сме растечка економија и треба да најдеме друг начин, да создадеме подинамична финансиска и економска архитектура во земјата. Зависноста од донации не смее да биде нашата примарна цел, изјави Бајра.

Одлуката на Трамп за прекинување на финансирањето на УСАИД привлече и реакции во САД. Милијардерот и близок соработник на претседателот, Илон Маск, неодамна на социјалната мрежа „Х“ остро ја критикуваше агенцијата, нарекувајќи ја „криминална организација“ и додавајќи дека „време е таа да умре“.

Маск ја обвини УСАИД за поврзаност со разузнавачки структури и политички контроли, повикувајќи на нејзина темелна ревизија. Неговиот став беше поддржан од некои аналитичари, но истовремено предизвика загриженост кај многумина за долгорочната поддршка на САД кон регионот.

Како ќе се одрази оваа одлука врз економијата и политичката стабилност на Косово, останува да се види. Она што е сигурно е дека Приштина сега се соочува со предизвик – дали ќе најде нови партнери или ќе остане во финансиска неизвесност.

Слични содржини