Наставниците во Србија продолжуваат со штрајкот – часовите скратени или прекинати

од Aneta Risteska
6 прегледи

Штрајкот во одредени училишта во Србија продолжува, со прекин на наставата или скратени часови, како знак на поддршка за студентите и израз на незадоволство од договорот за Посебниот колективен договор, постигнат меѓу репрезентативните синдикати и Владата, пренесува РТС.

Некои училишта одлучија наставата да биде прекината само денес, додека за наредните денови допрва ќе одлучуваат. Други, пак, веќе донесоа одлука да не одржуваат настава цела недела или до следно известување, соопшти Независниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС), кој не е репрезентативен.

Од НСПРС истакнуваат дека е тешко да се утврди точниот број училишта што штрајкуваат, но нагласуваат дека протестите продолжуваат и покрај тоа што репрезентативните синдикати се согласија на мораториум на штрајковите со потпишувањето на Посебниот колективен договор.

Синдикатот одлучи дека училиштата во кои нивните членови предаваат ќе останат во штрајк до понатамошно известување, без намера за повлекување на оваа одлука.

Штрајкот започна на 20 јануари, денот кога требаше да започне второто полугодие, како поддршка за студентите и нивните барања, но и како реакција на договорот меѓу репрезентативните синдикати и Владата за покачување на платите.

 

 

Слични содржини