Киргистан е последната земја со мнозинско муслиманско население во Централна Азија која го забрани никабот, долга облека што го покрива телото, косата и лицето, оставајќи ги само очите видливи.
Забраната, која стапи во сила на 1 февруари, предвидува парична казна од 20.000 соми (230 долари) за жените кои носат никаб на јавни места.
Женската исламска облека и машката брада долго време се предмет на владини кампањи и јавни дебати во Централна Азија, каде строго секуларните власти стравуваат од растечкото влијание на исламот, пренесе Бета повикувајќи се на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Киргистанските пратеници рекоа дека забраната е потребна од безбедносни причини за да се видат лицата на луѓето и да се идентификуваат поединци. Противниците, сепак, веруваат дека забраната им ја ускратува на жените слободата да изберат што сакаат да носат.
Забраната е дел од амандманот на Законот за верска сфера, кој претседателот Садир Џапаров го потпиша на 21 јануари. Иако законот експлицитно не го споменува никабот, кој локално се нарекува „паранџа“, тој забранува „облека што спречува личноста да биде идентификувана во државните институции и јавни места“, еуфемизам што во Централна Азија се користи за никаб.
Од забраната се ослободени покривања на лицата кои се неопходни поради работа или медицински причини.
Пратениците и религиозните личности поддржани од владата инсистираат на тоа дека забраната не се однесува на хиџабот, исламска марама што ги покрива косата и вратот, но го остава лицето видливо.
Киргистан е единствената земја во Централна Азија која дозволува хиџаби во училиштата и канцелариите.