Лавров: „Америка на прво место“ вознемирувачки наликува на слоганот на Хитлер

од Aneta Risteska
58 прегледи

Со доаѓањето на Доналд Трамп на власт, САД преминаа кон концептот „Америка на прво место“, што носи загрижувачка сличност со слоганот „Германија на прво место“ од времето на Хитлер, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во статија за списанието „Русија во глобалната политика“.

– Преминот кон концептот ‘Америка на прво место’ има алармантна сличност со слоганот од Хитлеровото време ‘Германија на прво место’. Играњето на картата на ‘воспоставување мир преку сила’ може целосно да ја уништи дипломатијата. Дополнително, во таквите изјави и идеолошки конструкции нема ни трага од почитување на меѓународно-правните обврски на Вашингтон согласно Повелбата на ОН, истакнува Лавров.

Според него, со враќањето на републиканската администрација на чело на САД со Трамп, американската интерпретација на меѓународните односи по Втората светска војна добила нова димензија.

– Во тој контекст, значајна изјава даде новиот државен секретар Марко Рубио во Сенатот на 15 јануари, нагласувајќи дека поствоениот светски поредок не само што е застарен, туку е претворен во оружје што се користи против интересите на САД. Значи, сега не само што е непожелен системот Јалта-Потсдам со централна улога на ОН, туку и „поредокот заснован на правила“ кој се чини дека е олицетворение на егоизмот и ароганцијата на Западот на чело со Вашингтон во оваа ера после Студената војна, заклучи Лавров.

Претходно, рускиот министер за надворешни работи изјави дека Западот никогаш не го почитувал принципот на суверена еднаквост на државите предвиден во Повелбата на ОН.

Слични содржини