Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, изјави дека се залага за продолжување на работата на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) по средбата со претседателот на САД, Доналд Трамп, и шефицата на неговиот кабинет, Сузи Вајлс.
Гејтс рече дека во средата се сретнал со Трамп во Белата куќа за да се заложи за продолжување на исплатата на странската помош, за која е одговорен УСАИД, пренесе NBC News.
Гејтс, кој во 2000 година ја кооснова непрофитната Фондација „Гејтс“, нагласи дека бил на терен со УСАИД, истакнувајќи дека работата на агенцијата носи неверојатни придобивки.
УСАИД, основан во 1961 година, е една од најголемите официјални агенции за помош во светот и има мисии во повеќе од 100 земји, главно во Африка, Азија, Латинска Америка, Блискиот Исток и Источна Европа, пренесува Танјуг.
Трамп потврди на почетокот на февруари дека ќе го укине УСАИД, откако неговата администрација соопшти дека се разгледува можноста агенцијата да се спои со Стејт департментот, со цел да се намали бројот на вработени и да се усогласи нејзиниот буџет со политиката „Америка на прво место“.
Трамп изјави дека УСАИД е воден од „група радикални лудаци“ и дека е лошо управуван.
Тој додаде дека ќе ги „избрка лудаците“ од агенцијата пред да се донесе конечна одлука за нејзината иднина.