Урсула фон дер Лајен: ЕУ подготвува одговор на американските царини

од Aneta Risteska
27 прегледи

Европската унија нема да дозволи одлуката на САД да воведат царини од 25 отсто за увоз на челик да остане без одговор, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Длабоко жалам за одлуката на САД да воведат царини за европскиот извоз на челик и алуминиум“, рече фон дер Лајен во објавата на X.

ЕУ, според неа, ќе дејствува за да ги заштити своите економски интереси, работниците, работодавачите и потрошувачите.

„Неоправданите царини против ЕУ нема да останат без одговор“, рече таа.

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум во САД, а оваа одлука се однесува на сите земји без исклучок, објави Белата куќа.
„Ова е голема работа. Почеток на повторното збогатување на Америка“, рече Трамп при потпишувањето на одлуката во Овалната соба, објави NBC News.

Со оваа одлука, која стапува на сила на 4 март, Трамп ги зголемува постоечките царини од 2018 година од 10 на 25 отсто.

Слични содржини