Жесток судир во Бундестагот: Шолц го обвини Мерц дека го носи „почетокот на крајот“ за ЕУ

од Aneta Risteska
38 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц (Социјалдемократската партија на Германија, СПД) и неговиот главен противкандидат на претстојните парламентарни избори, Фридрих Мерц од Унијата на ЦДУ/ЦСУ, имаа остра размена на мислења во вторникот на последната седница на Бундестагот пред изборите.

„Фридрих Мерц доаѓа на власт за да го иницира почетокот на крајот на Европската унија. Со своите постапки, тој го уништува гордото наследство на неговите демохристијански претходници Конрад Аденауер, Хелмут Кол и Ангела Меркел“, рече Олаф Шолц, напаѓајќи го Мерц за неговиот обид да постигне законодавни мерки за ограничување на миграцијата со помош на десничарската Алтернатива за Германија (AfD).

Шолц го обвини Мерц, претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидат за канцелар на демохристијаните, дека го прекршил правото на ЕУ и ја „загрозува европската интеграција“ со форсирање на неговите закони со кои ќе се затворат границите на Германија.

„Граѓаните на Германија сега знаат дека Мерц е подготвен да соработува со овие луѓе овде само за да ги победи своите демократски противници“, рече Шолц, укажувајќи на делот од Бундестагот каде што седат пратениците на АфД.

Мерц пак го обвини Шолц дека непотребно ги заплашува граѓаните со неговите тврдења за соработка меѓу ЦДУ/ЦСУ и АфД.

„ Веќе реков и повторувам: нема да има соработка со АфД“, рече Мерц.

Кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ, која има најголеми шанси за победа на изборите, по 23 февруари им понуди соработка на демократските партии за да ги „оневозможи екстремистите од десната и левата страна на политичкиот спектар“.

Мерц го обвини Шолц и неговата коалициска влада, во која беа социјалдемократите, зелените и либералите, дека и наштетиле на Германија на економски план.

„Оваа влада зад себе остава катастрофа на пазарот на трудот…Господине Шолц, вие не разбирате што се случува околу вас“, рече Мерц.

Тој ја обвини и актуелната канцеларка дека не ја спроведува целосно најавената суштинска промена во безбедносната политика.

Во анкетите на нешто помалку од две недели пред предвремените парламентарни избори, Унијата ЦДУ/ЦСУ води убедливо со поддршка од околу 30 отсто од гласачите. Потоа следат АфД со 20 и СПД и Зелените со околу 15 отсто.

Неизвесен е влезот на либералите, левата партија и новооснованата левичарска алијанса Сахра Вагенкнехт во Бундестагот.

Во изборната кампања доминираат миграциските прашања, а плановите на ЦДУ/ЦСУ за построги правила за имиграција, кои вклучуваат забрана за влез во земјата за сите нерегуларни мигранти, вклучително и оние кои имаат намера да поднесат барање за азил, наидуваат на поддршка од мнозинството граѓани.

Слични содржини