Зеленски: Украина нема да учествува во преговорите за завршување на војната

од Aneta Risteska
537 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека Украина нема да учествува во преговорите за ставање крај на војната во таа земја што се одржуваат оваа недела во Саудиска Арабија меѓу САД и Русија.

„Нема да учествуваме затоа што не знаевме ништо за тоа. Сметаме дека сите преговори за Украина без Украина се преговори без резултати и не можеме да признаеме какви било договори што се однесуваат на нас во кои не учествувавме“, рече Зеленски, пренесе Ројтерс.

Тој додаде дека и покрај тоа, во среда ќе ја посети Саудиска Арабија како дел од официјалната посета.

Зеленски рече дека сака пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог, да ја посети линијата на фронтот во Украина и да разговара со украинските војници.

„Ќе можеме појасно да зборуваме за датумот на посетата на Трамп на Украина по посетата на Келог на Украина“, додаде украинскиот претседател.

Зеленски рече дека Украина не е „обичен снабдувач на ретки метали“ и дека тоа треба јасно да се одрази во секој договор со Украина.

Тој додаде дека „за прв пат“ го видел интересот на Кина да стави крај на војната.

Американскиот државен секретар Марко Рубио треба да се сретне со руски претставници во Саудиска Арабија, а на средбата ќе присуствуваат и советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајк Волц и пратеникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф.

Москва потврди дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков заминуваат за Ријад.