Залужњи: Ќе зборувам за лични политички амбиции кога Украина ќе застане на нозе

од Aneta Risteska
79 прегледи

Амбасадорот на Украина во Обединетото Кралство, поранешен врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, денеска изјави дека „ќе биде подготвен“ да одговори на прашањата за изборите и личните политички амбиции откако Украина ќе застане на нозе и ќе ја зачува својата државност.

На новинарско прашање дали планира да се кандидира на изборите, Залужњи рече дека прво треба да се создадат услови во кои таквите прашања „би биле апсолутно соодветни“.

„Верувам дека ако се создадат овие услови, тогаш јас, како човек кој е во државна служба, работи директно за државата, ќе бидам подготвен да одговорам на такви прашања“, рече тој на собирот „Украина го менува светот. Дијалози за можностите“, пренесува украинскиот портал „Њу глас“.

Според него, украинската армија е единствениот вистински гарант за безбедноста за опстанокот на државата, пренесува Танјуг.

„Војната нужно води до победа кога луѓето кои ја бранат својата земја се подготвени да продолжат да го прават тоа. Треба да се запрашаме што правиме во врска со ова. Ни треба постојана и сигурна меѓународна поддршка“, нагласи тој, додавајќи дека иднината на Украина зависи од тоа колку нејзините граѓани се подготвени да ја бранат земјата.

„Засега имаме една задача: да ја зачуваме државата. После тоа ќе размислуваме за нешто друго“, додаде Залужњи.

Според резултатите од истражувањето спроведено во декември 2024 година, за поранешниот врховен командант на украинската армија би гласале 36,1 отсто од граѓаните.

Украинците исто така се подготвени да го поддржат актуелниот претседател Володимир Зеленски (24,3 отсто), додека помалку од 10 отсто од гласачите би гласале за поранешниот претседател Петро Порошенко.

Американскиот претседател Доналд Трамп по разговорите меѓу делегациите на САД и Русија во Ријад изјави дека треба да се одржат избори во Украина пред да се склучи мировен договор.
Тој изјави дека поддршката за Зеленски паднала на четири отсто, а дека самата земја е „распарчена“ и дека повеќето градови, освен Киев, се уништени.

Според истражувањето спроведено од Киевскиот меѓународен институт за социологија, од првата половина на февруари 2025 година, 57 отсто од Украинците му веруваат на Зеленски, објавија украинските медиуми, пренесува Танјуг.