Aнкета: Повеќето Украинци го поддржуваат Зеленски, но сакаат поголема соработка со опозицијата

од Aneta Risteska
41 прегледи

Според последната анкета спроведена од истражувачката организација „Онух ИБИФ“, 63 отсто од Украинците ја одобруваат работата на претседателот Володимир Зеленски.

Истражувањето, спроведено меѓу ноември 2024 година и јануари оваа година, покажа дека поддршката за Зеленски е малку зголемена во споредба со претходните анкети, објави Униан.

Мнозинството од анкетираните веруваат дека Зеленски поседува позитивни квалитети, при што 74 отсто од испитаниците веруваат дека е патриот, 73 отсто го сметаат за интелигентен и образован, а 60 отсто го сметаат за чесен и доверлив.

Исто така, 65 отсто од испитаниците сметаат дека Зеленски е силен лидер, пренесува Танјуг.

Анкетата покажа и дека украинските граѓани сакаат поголема соработка меѓу претседателот и опозицијата.

Според анкетата, 70 отсто од Украинците веруваат дека Зеленски треба да вклучи повеќе опозициски политичари во неговиот кабинет, додека 82 отсто сметаат дека опозицијата треба да соработува со претседателот.

Зеленски, иако останува најпопуларниот политичар, се соочува со конкуренција на идните избори, пренесува агенцијата.

Според анкетите, Зеленски во првиот круг би добил меѓу 26 и 32 отсто од гласовите, додека поранешниот претседател Петро Порошенко би освоил меѓу пет и шест отсто.

Социолозите прогнозираат дека Зеленски најверојатно ќе биде меѓу последните двајца кандидати во вториот круг, а конкуренција би можел да биде поранешниот врховен командант на вооружените сили на Украина Валериј Залужни, пренесува Танјуг.

Слични содржини