ЕУ ги суспендира санкциите за клучните економски сектори на Сирија

од Aneta Risteska
16 прегледи

Oдлука за суспендирање на голем број рестриктивни мерки кон Сирија, како дел од напорите на Унијата за поддршка на инклузивната политичка транзиција на земјата и нејзино брзо економско закрепнување, обнова и стабилизација, донесе денес Советот за надворешни работи на ЕУ.

„ЕУ има за цел да го олесни ангажманот со Сирија, нејзиниот народ и бизнисите во клучните области на енергијата и транспортот, како и да ги олесни финансиските и банкарските трансакции поврзани со овие сектори, како и оние кои се потребни за хуманитарни цели и за обновата“, се наведува во одлуката.

Со неа се суспендираат санкциите поврзани со испораките на нафта, гас и електрична енергија и со транспортниот сектор, а од листата на санкционирани субјекти се отстранети четири сириски банки, како и авиопревозникот „Сириан Араб Ерлајнс“.

Дополнително се укинуваат санкциите за банкарски трансакции поврзани со енергетскиот и транспортниот сектор, за хуманитарни цели, обновата, како за извозот на луксузни стоки за лична употреба во Сирија.

Советот нагласи дека рестриктивните мерки на ЕУ беа користени како алатка против режимот на поранешниот претседател на Сирија, Башар Асад, кој, како што се наведува во соопштението, е одговорен за насилна репресија врз сириското цивилно население.

Европскиот совет во своите заклучоци од декември 2024 година ја истакна „историската можност за сите Сиријци повторно да се обединат и да ја обноват земјата“, како и важноста на „инклузивен политички процес предводен, кој ги задоволува легитимните аспирации на сирискиот народ“.

Слични содржини