Естонија го реформира својот училишен систем, така што рускиот ќе биде постепено укинат како наставен јазик до 2030 година. Така, наскоро сите деца ќе се учат само на естонски – дури и малите во областите во североисточниот дел на земјата каде што претежно се зборува руски. А според новиот систем рускиот ќе се смета само за странски јазик.
Поддржувачите на реформата велат дека таа ќе им овозможи на децата подобри можности кога станува збор за образованието и пазарот на труд, но зад неа всушност стои намерата да се намали влијанието на Русија врз нејзините сонародници во Естонија.
Многу луѓе во балтичките земји зборуваат руски како мајчин јазик – особено во Летонија (38 проценти) и Естонија (28 проценти). Во главниот град на Естонија, Талин, практично секое второ дете расте зборувајќи руски. Во североисточниот дел на земјата, рускиот јазик е уште пораспространет. Нарва, третиот по големина град во Естонија, се наоѓа на границата со Русија и повеќе од 90 отсто од населението во градот зборува руски. Со распадот на Советскиот Сојуз, Литванија, Летонија и Естонија ја вратија својата независност, а литванскиот, латвискиот и естонскиот го заменија рускиот како официјални јазици во овие земји.