Францускиот министер за одбрана, Себастијан Лекорни, денеска изјави дека Франција од октомври минатата година води преговори со Киев за развој на експлоатација на украинските минерали за нејзината одбранбена индустрија.
Лекорни рече дека Франција работи на ова неколку месеци, почнувајќи од минатата есен, кога украинскиот лидер, Володимир Зеленски, го покрена прашањето за суровините во неговиот победнички план за време на посетата на Париз.
Зеленски даде голем број предлози не само до САД, туку и до Франција, рече министерот.
„Володимир Зеленски и неговиот тим видоа дека ова прашање на суровини може да биде еден од елементите на трансакцијата со нас… Така, (американскиот претседател Доналд) Трамп не е тој што го измисли ова целосно, затоа што тоа го направија самите Украинци“, изјави Лекорни за France Info.
Тој додаде дека планот бил минералите да се користат за производство на воена опрема.
„На нашата одбранбена индустрија ќе ѝ треба одредено количество клучни суровини во сопствените системи за оружје не само следната година, туку во следните 30 или 40 години“, истакна Лекорни.
Тој додаде дека Париз планира да го „диверзифицира“ увозот на овој вид минерал.
„Претседателот Емануел Макрон ме замоли за ова да разговарам со Украинците на француско ниво… Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, економските прашања секогаш се испреплетени со воени, стратешки или безбедносни прашања. Во секој случај, ова особено се однесува на енергетиката“, рече францускиот министер за одбрана.
Оваа изјава доаѓа откако Киев и Вашингтон се приближија до договор за експлоатација на рудното богатство на Украина, по судирот меѓу Трамп и Зеленски.
Украинскиот лидер очекува утре да отпатува за Вашингтон за да разговара со Трамп за текстот на договорот и за продолжување на американската помош, јави француското радио.
Само Украина сочинува околу пет отсто од светските минерални ресурси, но не се сите експлоатирани или лесно експлоатирани, пренесува Танјуг.
Украина е рангирана на 40-то место меѓу земјите производители на минерали, вклучително и јаглен, а исто така беше 10-ти најголем производител на железо во светот во 2022 година, според „World Mining Data 2024“.
Во трудот објавен во 2023 година од Француското биро за геолошки и рударски истражувања (BRGM), геолозите наведоа повеќе од сто ресурси, вклучувајќи манган, ураниум и графит, кои се неопходни за електричните батерии.