Италијанскиот синдикат на судии, АНМ, денеска организираше штрајк на истражни судии, а целта е, како што наведоа организаторите, одбрана на Уставот и независното судство, пренесуваат италијанските медиуми.
Во многу градови низ целата земја се предвидени јавни протестни собири, како и дружење со граѓаните, пренесува државната телевизија Раи.
Како што наведува АНМ, причина за штрајкот е предложената уставна реформа на судството, која предвидува раздвојување на овластувањата на истражните судии и институцијата на Вишиот суд.
Во рамките на штрајкот ќе бидат организирани и јавни дебати за ризиците од реформата по независноста на судството.
Во знак на поддршка на штрајкот, стотина истражни судии се собраа денеска пред палатата на Касациониот суд во Рим.
“Ние ги поддржуваме причините за штрајкот што го повика синдикатот АНМ, со кој сака да го привлече вниманието на јавноста на прашањето за гарантирање на автономијата и независноста на судството, а со тоа и на заштита на правата на сите граѓани”, истакнаа собраните судии.
Во Болоња, исто така, се одржа протестен собир на судии, на кој се обрати претседателот на Судот во тој град, Пасквале Ликардо.
“Сакам да ве потсетам дека овде во Болоња во 1980 година се случи терористички напад на централната железничка станица, трагедија за цела Италија. Слични трагични настани имаше и во Милано, Фиренца, други градови. И во сите такви настани имаше судија кој не се задоволуваше со вистината што ќе ја сервираат послушниците на државата. Таков судија, слободен и независен, кој одговара само на законите, секогаш трагаше по вистината”, порача Ликардо.
Слични собири се организираат и во Милано, Торино, Неапол и други градови.