Отсега и до 15 евра такса за ноќевање во Барселона! Каталонија ги удвојува даноците за туристи

од Aneta Risteska
17 прегледи

Властите на шпанската област Каталонија одлучија да ги удвојат туристичките такси во регионот, како и да издвојат 25 отсто од вака добиениот приход за станбената политика, објавија денеска шпанските медиуми.

Портпаролот на локалниот парламент, Дејвид Сид, објави дека ваквата мерка е донесена во договор со премиерот на Каталонија, Салвадор Ила, пренесе државната телевизија РТВ.

Како што е објаснето, туристичките такси ќе изнесуваат најмногу 15 евра по лице за едно ноќевање во Барселона.

„Ова зголемување на даноците нема да го плаќаат хотелиерите, туку туристите“, посочи Цид, додавајќи дека мерката е целосно оправдана бидејќи Каталонија бележи рекорден број туристи и прилив на приходи од туризмот.

Според него, гостин кој може да плати од 300 до 400 евра дневно во хотел во Барселона, лесно може да издвои уште седум евра за такса за ноќевање.

Како што изјави Цид, вака остварениот приход мора да се распредели за изградба на станбен фонд, бидејќи Каталонија мора значително да ги зголеми средствата за таа намена, пренесува Танјуг.

Тој додаде дека оваа мерка нема да го ограничи туризмот, во ситуација кога овој регион има рекорден број туристи, а е во согласност со она што го прават европските градови како Амстердам или Рим.

Слични содржини