„Currywurst“ е култна брза храна во Германија – колбас со посебен кечап и кари. Посебно е легендарен во кантините на автомобилскиот гигант „Volkswagen“ (VW), кој долго време го продава во супермаркетите.
Звучи неверојатно, но „VW“ минатата година продаде повеќе колбаси отколку автомобили. Ова зборува за популарноста на нивниот каривурст, но и за кризата во германската автомобилска индустрија, пишува „Дојче веле“.
Концернот со седиште во Волфсбург продаде 8,5 милиони порции колбаси во кантини, киосци и супермаркети, 200.000 повеќе отколку во рекордната 2023 година. Дел од заслугата оди на хот-догот, кој „VW“ го вклучи во својата понуда пред неколку години.
Во исто време, продадени се само 5,2 милиони возила на „VW“. Ако се вклучат сите брендови на групацијата – „Škoda“, „SEAT“, „Audi“, „Porsche“, „Lamborghini“, вкупната продажба достигнува девет милиони, но сепак тоа е пад од 2,3% во споредба со претходната година.
„VW“ лани заработи 12,4 милијарди евра, што е пад од 30%, и покрај зголемувањето на вкупниот промет на 345 милијарди евра. Главните причини се послабата продажба во Кина и големите инвестиции, како што е новата фабрика на „Ауди“ во Брисел, пишува „Индекс“.
Сепак, околу 120.000 работници во Германија ќе добијат бонуси од 4.800 евра. Менаџерите на „VW“, според агенцијата „dpa“, ќе се откажат од 11% од своите плати во следните две години.
Поголем проблем е што „VW“ кон крајот на минатата година објави дека ќе укине 35.000 работни места во Германија до 2030 година, и покрај протестите на работниците и политичарите.
Љубителите на „Currywurst“ немаат причина да се грижат – VW планира да воведе нови видови колбаси во кантините и супермаркетите. Кога пред неколку години беа отстранети од менза, предизвикаа медиумска бура, а дури и поранешниот канцелар Герхард Шредер се огласи, нарекувајќи го колбасот „работничка чоколада за сила“.
Фолксваген произведува „каривурст“ од 1973 година, во месарница основана од концернот. Овој колбас има дури и свој официјален фабрички број 199 398 500 А.