Сијарто: ЕУ може да остане изолирана во мировните преговори за војната во Украина

од Milan1
26 прегледи

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави денеска дека Европската унија наскоро би можела да се најде изолирана на политичката сцена доколку нејзините „либерални лидери“ продолжат да го „попречуваат“ успехот на мировните преговори за ставање крај на војната во Украина.

„Ако европските либерални лидери продолжат со својот провоен политички пристап, ако продолжат да го блокираат и попречуваат успехот на мировните преговори, тогаш Брисел наскоро би можел да се најде изолиран на светската политичка сцена“, рече Сијарто по разговорите со италијанскиот вицепремиер Матео Салвини во Рим, пренесе „МТИ“.

Како што е соопштено од унгарското Министерство за надворешни работи, Сијарто рече дека „правилно би било европските либерални лидери конечно да изберат мир наместо да се обидуваат да ја убедат Украина да продолжи да води војна“.

Сијарто истакна дека потегот на американскиот претседател Доналд Трамп за директни преговори со Русија значи дека можноста за посредување во мирот во Украина е „поблиску од кога било досега“.

„Мислам дека фактот што рускиот претседател (Владимир Путин) не рече „не“ на предлогот за прекин на огнот и фактот дека се чини дека постои заедничка намера за трајно мирно решение, нуди огромна шанса мирот да се врати во Украина, а со тоа и во Централна Европа“, рече Сијарто.

Тој нагласи дека прекинот на огнот и договор меѓу завојуваните страни за условите за трајно решение се клучни предуслови за мир и предупреди дека постои „поголем ризик од кога и да е Европската унија да заврши изолирана на светската политичка сцена по ова прашање“.

Сијарто рече и дека средбата со Матео Салвини потврдила дека двајцата лидери се согласуваат за најважните европски прашања, дека се против илегалната имиграција, дека бараат брз мир во Украина и дека се залагаат за заштита на семејствата.

Слични содржини