Француското обвинителство побара седумгодишна затворска казна и парична казна од 300.000 евра за поранешниот француски претседател Никола Саркози поради обвиненијата дека склучил договор за корупција со поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи.
Во случајот на Саркози, листата на злосторства за кои тој е обвинет предвидува потенцијална казна од 10 години затвор, три повеќе отколку што бараше обвинителството, објави „Франс 24“.
Најстрогата казна беше побарана за Саркози, а во случајот кој започна на 6 јануари обвинителството именуваше вкупно 12 осомничени.
Саркози е обвинет дека зел милиони евра од Гадафи за да ја финансира неговата кампања во 2007 година и дека за возврат му ветил дека ќе му помогне на либискиот лидер да ја подобри својата репутација во западните земји.
Поранешниот француски претседател е обвинет дека примил околу 50 милиони евра во кеш од Гадафи, што е повеќе од двојно од тогашната законска граница за финансирање на кампањата од 21 милион евра.
Франција има строги ограничувања за тоа колку кандидатите можат да потрошат за политичка кампања, а според законот, може да се прифатат само придонеси од француски државјани или жители на Франција. Гадафи беше соборен, а потоа брутално убиен во 2011 година, а истрагата беше покрената во 2013 година, кога синот на Гадафи, Сеиф ал Ислам, го обвини Саркози дека земал пари од неговиот татко за да ја финансира неговата кампања, пренесува Танјуг.
Судењето на Саркози се очекува да заврши на 10 април, а тој ги негира обвиненијата.