Кина ќе ги укине санкциите за петмина сегашни и поранешни членови на Европскиот парламент кои ја критикуваа состојбата со човековите права во Кина, со цел да се олеснат трговските преговори меѓу двете светски сили, објави висок функционер на Парламентот.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, денес, на затворен состанок, ќе ги информира лидерите на политичките групи за развојот на ситуацијата, изјави анонимен извор за бриселскиот Политико, кој имаше пристап до внатрешни информации.
Како што пишува Политико, одлуката за укинување на санкциите доаѓа во контекст на трговската војна што ја иницираше американскиот претседател Доналд Трамп, воведувајќи царини за увоз. Таа неизвесност ги поттикна преговорите на ЕУ со земјите од целиот свет за трговски прашања.
Откако Кина воведе санкции врз европратениците во 2021 година, Парламентот имаше неформална блокада на односите со Кина, условувајќи го секој потенцијален дипломатски контакт со Пекинг со укинување на тие санкции.
Водечкиот член на Европскиот парламент за меѓународна трговија, Бернд Ланге, изјави дека, и покрај зеленото светло за преговори со нивните кинески колеги, сè уште има многу проблеми во трговските односи меѓу ЕУ и Кина.
Францускиот социјалист и еден од санкционираните пратеници, Рафаел Глуксман, изјави дека фактите не се менуваат со укинувањето на санкциите.
„Зборуваме за масовни депортации, систематска принудна работа, злосторства против Ујгурите, брутална репресија во Хонг Конг, закани, мешање и заплашување на Тајван, како и многу други сериозни кршења на човековите права“, рече тој.
Покрај Глуксман, санкционирани беа и бугарските либерали Илхан Кјучук, словачката пратеничка од десниот центар Миријам Лексман, како и двајца германски пратеници, Рајнхард Бутикофер и Михаел Галер.
Портпаролот на кинеската мисија во ЕУ не одговори на барањето за коментар.