Управата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарни работи на територијата на Подгорица регистрираше сомнителен случај на бруцелоза кај овци на едно земјоделско стопанство во областа Биоче.
Специјализираната ветеринарна лабораторија направи испитување на примероци од крв и утврди присуство на специфични антитела на бруцелоза. Во тек се потребните понатамошни дијагностички испитувања, соопшти официјалниот сајт на Владата на Црна Гора.
Управата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарни работи доби известување од Институтот за јавно здравје за лабораториски потврден случај на бруцелоза кај луѓе.
Со оглед на тоа дека станува збор за зооноза, односно заразна болест која се пренесува од животни на луѓе, по приемот на известувањето, Управата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарни работи во соработка со ветеринарниот инспектор, надлежната ветеринарна амбуланта и претставниците од Специјализираната ветеринарна лабораторија ги дефинираше активностите што ќе се преземат.
„Стручни лица од ветеринарната амбуланта „Ибричевина“ ДОО, по налог на надлежниот ветеринарен инспектор, извршија земање примероци од крв кај овците на сомнителното стопанство и истите беа доставени до Специјализираната ветеринарна лабораторија во Подгорица. Сомнителното стопанство е ставено под службен надзор и на него се преземени сите пропишани мерки од страна на надлежниот ветеринарен инспектор и теренскиот ветеринар“, потврдија за РИНА од Управата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарни работи.
Бруцелозата кај овци е заразна болест со бактериско потекло од која заболуваат овци, кози, говеда, свињи и други домашни животни, но во одредени случаи, како директен контакт со болно животно или консумирање производи од животинско потекло од инфицирани животни, може да се пренесе и на човек.
Бруцелозата е особено патогена за луѓето и предизвикува болест која често се нарекува малтешка треска. Малтешката треска е една од најсериозните болести што се пренесуваат од животни на луѓе (зоонози).