Гроси: Сè уште не е можно да се процени штетата предизвикана под земја во Фордоу

од Milan1
32 прегледи

Иако е јасно дека американските воздушни напади во текот на ноќта го погодија иранскиот објект за збогатување ураниум во Фордоу, подземен објект закопан длабоко во планината, сè уште не е можно да се процени штетата направена под земја, изјави денес за Си-Ен-Ен директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.

Инспекторите на МААЕ, предводени од Гроси, не беа во можност да ги проверат нуклеарните објекти на Иран од првите израелски напади на 13 јуни, а Гроси рече дека се надева дека наскоро ќе можат да се вратат во Фордоу и на други локации.

Генералниот директор на МААЕ напиша претходно денес на платформата X дека, со оглед на итната ситуација во Иран, свикува итен состанок на Одборот на гувернери на МААЕ за утре.

МААЕ соопшти дека досега нема зголемување на нивото на зрачење во Иран околу нуклеарните објекти на земјата.

Американските сили бомбардираа три ирански нуклеарни објекти во текот на ноќта, вклучувајќи го и Фордоу.

Во меѓувреме, американската вселенска агенција НАСА објави дека утрово двапати детектирала извор на топлина во објектот Фордоу.

И двете „топлински траги“ наводно биле забележани пред американскиот претседател Доналд Трамп да го објави нападот.

Си-Ен-Ен потсетува дека немало други „топлински траги“ во близина на објектот Фордоу откако Израел го нападна Иран на 13 јуни.