Лажен Рубио користел вештачка интелигенција за да контактира со странски министри и функционери

од Milan1
28 прегледи

Непознат сторител, користејќи вештачка интелигенција, се претставувал како американскиот државен секретар Марко Рубио, контактирајќи министри за надворешни работи, гувернер на САД и еден конгресмен, јавува „Вашингтон пост“ повикувајќи се на документ на Стејт департментот.

Според наводите, измамникот користел гласовни и текстуални пораки испратени преку апликацијата Сигнал, притоа имитирајќи го гласот и стилот на пишување на Рубио. Лажната комуникација започнала во јуни, кога била креирана сметка со адреса што наликува на официјална владина, но не е автентична.

Во најмалку два случаи се испратени гласовни пораки, а во еден и повик до соговорниците за понатамошна комуникација преку Сигнал. Се верува дека целта била добивање пристап до чувствителни информации или комуникациски канали на високи претставници.

Стејт департментот најави темелна истрага, додека експертите за дигитална безбедност предупредуваат дека за создавање лажен глас се потребни само 20 секунди аудио, што го прави овој тип напади сè почести и полесно изводливи.

Останува нејасно дали некој од државните функционери одговорил на пораките. Американските власти ги повикаа дипломатите и владините службеници да пријавуваат слични инциденти до надлежните безбедносни служби.